ЈА ИСПЕАВ „ПЕКОЛ И РАЈ“ СО МНОГУ ЉУБОВ, ВЕЛИ ПЕЈАЧОТ ОГНЕН ЗДРАВКОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Пекол и рај“ е новата песна на поп-пејачот Огнен Здравковски кој работи во хорот на Националната опера и балет (НОБ).

„Нешто ново од мене, сработено со многу љубов. Слушнете ја песната, гледајте го спотот, почувствувајте ја приказната и дозволете да ве освои“, рече Здравковски.

Автор на музиката е неговиот колега од хорот на Операта, Александар Тарабунов, текстот е на Зоран Стојановски и Димитар Андоновски, кој е автор на аранжманот, и ги направи миксот и мастерингот. Спотот го снимаше „Снек медиа“.

По промоцијата на новата песна, Здравковски најавува нов албум кој е во фаза на снимање. Тој е син на пејачката на народна музика Софче Џорлева, сестрата на познатиот виолинист Зоран Џорлев кој почина на 1 јануари во 2021. Неговиот дедо, Наско Џорлев е автор на една од најубавите македонски народни песни, „Не кажувај либе добра ноќ“.