На 30 јуни од 20 часот, во Филхармонијата ќе се одржи концертна промоција на албумот „Маглота“ на Јордан Костов и неговите пријатели, снимен во Виетнам во 2023. „Маглота“ е најновиот музички проект на Јордан, што произлезе од неговата длабока врска со Виетнам.
„Албумот вешто ги инкорпорира традиционалните музички инструменти кои се длабоко вкоренети во нашиот секојдневен живот. Виетнам одигра клучна улога во музичкото патување на Костов, бидејќи тој навлезе во локалната култура и формираше силни врски со тамошните пријатели музичари“, велат од тимот на Костов.
Солисти на концертот ќе бидат Јордан Костов на хармоника, Роман Столјар (Русија) на пијано, Бренда Охана (Бразил) на маримба, Фенг Хао (Кина) на тапани, Нилимеш Чакраборти (Индија) на табла, Монит Пол (Индија) на сарод и Бруно Тоци Теза (Бразил) на бас, а ќе учествува и хорот „Св. Злата Мегленска“, со кој ќе диригира Летка Димовска-Полизова. Како солистка ќе гостува и Сузана Спасовска.