ЌЕ ПЕАМ ДВЕ ПЕСНИ ВО ЧЕСТ НА ДУЛЕ НА ЈУБИЛЕЈОТ НА МАКФЕСТ, СТАРАТА „ВИОЛИНА И ГИТАРА“ И ЕДНА НОВА, ВЕЛИ ВИОЛИНИСТОТ НИКОЛА ЈАНКОВ-КОКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Нова верзија на песната „Виолина и гитара“ од дуото Дуле и Коки ќе испее виолинистот Никола Јанков-Коки на претстојниот Макфест во Штип, што ќе се одржи на 24 и 25 октомври. Фестивалот годинава слави 40 години.

Јанков ќе настапи во чест на неговиот колега и пријател Душан Љубисављевиќ, кој почина од рак на 23 септември 2013. На јубилејниот Макфест Коки ќе пее две песни, „Виолина и гитара“, со која победија на фестивалот во 1996 и потоа станаа многу популарни, а втората е нова песна, во чест на Љубисављевиќ, а се вика „Виолина и…“. Ја напиша Јован Јованов, кој е дел од тимот на фестивалот.

„Во ревијалниот дел ќе настапам со ‘Виолина и гитара’, како одбележување на 40 години Макфест. Инаку настапувам и со песна од Јован Јованов, кој ги напиша музиката и текстот, а аранжманот е на Дамјан Лазаров. Песната се вика ‘Виолина и…‘. Сето ова е најава за она што го планирам догодина, за 30 години откако излезе песната ‘Виолина и гитара‘. Имам нов проект, двоен албум со 20 песни, кои ги снимавме летово. Работев напорно цело лето во студиото на Темелко Андреев во Велес и при крај сме со материјалот. Идејата е да се испромовира сѐ што е ново и догодина да се направи голем концерт“, ни рече Никола Јанков-Коки, инаку професор по виолина во Музичкото училиште во Штип.

На новиот албум, како што ни рече, има нови песни и стари, преработки од Дуле и Коки.

На 15 септември 2023 Јанков одржа концерт во родниот Штип, во чест на неговиот колега и пријател Душан Љубисављевиќ-Дуле (Фото: СМАРТ СДК.МК)

На 15 септември 2023, Јанков одржа концерт во родниот Штип, во чест на неговиот колега и пријател Душан Љубисављевиќ-Дуле. Коки симболично го избра Домот на млади за овој настан, како место каде што тој и Дуле ги имале првите настапи.

Дом на млади во Штип беше полн за концертот на Никола Јанков- Коки во чест на 10-годишнината од смртта на Душан Љубисављевиќ Дуле на 15 септември во 2023 (Фото: Дом на млади- Штип)

Концертот почна носталгично, со песната „Што те нема“ од босанската пејачка Јадранка Стојаковиќ, која Коки ја отсвире и отпеа сам, без придружба на бендот, со слика од Дуле на видеобим. По концертот, музичарот ни рече дека ќерка му Лара му помогнала да ја надмине тремата.

Во првите места пред сцената беше и семејството на Дуле: сестрата, мајката, таткото и братот.

М. ЏАРОВСКА