КОНЦЕРТ НА МАКЕДОНСКО-СЛОВЕНЕЧКОТО ПИЈАНО ДУО ТРАЈЧЕСКА И ДУЛАР ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утре (17 септември) од 20 часот, во Пијано центарот во Скопје концерт ќе одржи дуото Јасмина Трајческа од Македонија и Ловорка Немеш Дулар од Словенија. Концертот е во рамките на втората сезона на фестивалот на современа музика Денови на македонска музика, кој со есенското издание ја продолжува концертната традиција.

На концертот ќе бидат изведени дела за две пијана од реномираните македонски композитори Томислав Зографски и Стојче Тошевски. Притоа ќе бидат одбележани два значајни јубилеја: 90 години од раѓањето на Зографски и 80 години од раѓањето на Тошевски. Во програмата ќе биде и дело на словенечкиот композитор Јанез Матичич.