Националниот џез оркестар ќе одржи концерт насловен „Џез лектира: Quintessence by Quincy Jones“ на 24 јануари во Филхармонијата од 20 часот како почеток на својата нова концертна сезона.
„Концертот го покрива значајниот биг бенд опус на сестраниот музички магнат Квинси Џонс, од неговиот прв албум издаден во 1959, преку ексклузивни неиздадени аранжмани и негови аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејси, до биг бенд аранжмани на композиции од подоцнежниот поп период, кога Квинси доминира како аранжер и продуцент“, велат од Џез оркестарот.
Како солисти ќе настапат Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ-Дексо, Сашо Гигов-Гиш и Џон Илија Апелгрен (фото). Диригент е маестро Владимир Николов. Билетите се продаваат преку мрежата на Мк тикетс.
За плакатот е искористена графиката „Шарен џезер” на академскиот сликар Сергеј Андреевски од циклусот „Џезери”.