„Ако никој не свири…“ ги објави првите албуми од концертите отсвирени во рамките на овој серијал, а по повод 15 години од неговото емитување на скопското радио „Канал 103“.

„Пандемијата ги стави на пауза редовните концертни активности на радиосеријалот ‘Ако никој не свири…‘, што од 2005 се емитува на ‘Канал 103‘. Во очекување да се вратиме со свирките во омиленото студио П6, им се посветуваме на архивите и објавуваме ретки снимки од богатата и жанровски разновидна концертна продукција“, велат од „Канал 103“.

Досега се објавени албумите „Live at Kanal 103“ на „Стринг форсис“ (од настапот во 2010 година), „1100111“ на кумановското трио „01 Плент“, „Early Live Crimes“ на „Грем Јанг“ (од 2008), што е единствениот аудиоматеријал од акустичното дуо што го сочинуваа Јана Коцева и Јована Гајтановска и „Welcome“ на „Беј д фиш“ (од 2007).

Во наредниот период ќе бидат издадени уште три албуми во живо.