Маските беа главен моден додаток на годинашното доделување на наградите на Ем-Ти-Ви и, очекувано, Леди Гага најмногу се истакна. Од деветте номинации, екстравагантната американска пејачка освои пет награди и притоа секој пат беше различно облечена, придружено со нова маска.
„Бидете добри, носете маска! Носењето маска е знак на почит“, ги охрабруваше Гага своите фанови.

Меѓу другите, таа носеше розева и сребрена маска, маска со бивни, како и маска со електронски екран.
Ова беше прв пренос од големо доделување награди во САД откако почна пандемијата на коронавирусот и се состоеше од видеоговори и настапи без публика. Целиот настан му беше посветен на Чедвик Боузман, ѕвездата на „Блек Пантер“, кој почина во петокот на 43 години, а дел од учесниците не ја пропуштија можноста да ја поддржат борбата против расизмот.