ШЕСТГОДИШНА ОБОЖАВАТЕЛКА НА „АРЕА“ ЈА ИСПЕА „ЈАС СУМ ТИ ПРИЈАТЕЛ“ СО БЕНДОТ НА ФАНТАСТИЧНИОТ КОНЦЕРТ ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Шестгодишната Исидора Танаскоска од Охрид заедно со Ружица Милошеска-Брчиоска го испеа хитот на „Ареа“, „Јас сум ти пријател“, на одличниот концерт на гостиварскиот рок-бенд вчера (31 јули) во Античкиот театар во Охрид.

Исидора расте со музиката на „Ареа“, но и на Тоше Проески и други македонски пејачи. На првите звуци на овој хит, нејзиниот татко Владимир ја крена во раце ќерката, а кога ја виде во првиот ред, пејачката на бендот веднаш ѝ го подаде микрофонот.

Фото: „Фреш унион“

„Првиот албум кој самиот го купив во шесто одделение е ‘Врати на имагинација’ на ‘Ареа’. Тогаш имав 12 години, а завчера наполнив 38. Најголем фан сум на Ареа оттогаш и моите две ќерки израснаа со нивната музика. Пред концертот, отидовме зад сцената и се сликавме со Ружица и со бендот. Им кажавме дека ‘Јас сум ти пријател’ е омилената песна на ќерката Исидора. Таа едвај ја чекаше оваа песна цел концерт. Кога Ружица нѐ забележа, ѝ го подаде микрофонот да запее со неа. Ми дојдоа солзи на очи кога ја слушнав оваа песна“, ни рече Владимир Танаскоски, охриѓанец кој со сопругата и со двете ќерки живее во Скопје.

Исидора не беше единствениот млад фан на концертот. Тринаесетгодишната Агнеса Русомаровска од Скопје заедно со бендот ја запеа „Нешто недостасува“, песна која неа ѝ е омилена. Агнеса изучува пеење кај професорката и придружен вокал Ана Костадиновска и вели дека најмногу слуша македонска поп и рок музика.

Во првите редови на Антички имаше уште неколку семејства, родители со деца кои во еден глас ги пееја песните на еден од најзначајните македонски рок-бендови, кој годинава слави 35 години кариера.

Агнеса Русомаровска од Скопје ја испеа „Нешто недостасува“ (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Сите концерти на „Ареа“ се за паметење, но овој беше различен по енергијата на Ружица Милошеска-Брчиоска, која беше во своето најдобро издание, и вокално и сценски. Со ентузијазам како да е првпат на сцената, таа скокаше и танцуваше заедно со публиката во текот на целиот концерт, а комплетниот бенд звучеше беспрекорно.

„Ви благодарам што ни ја подаривте оваа магична ноќ. Веќе 35 години, вие сте наши пријатели“, ѝ рече рокерката на публиката. Во придружните вокали ја засили нејзината ќерка Елена Брчиоска.

„Која песна не сме ја испеале“, се пошегува Ружица при крајот на концертот, пред публиката да довикне „Сите мои слики“.

„Ова е вашата химна“, рече таа за најголемиот хит на бендот кој го напиша заедно со сопругот Ивица Брчиоски.

На крајот, кога публиката викаше „уште“, бендот сосема спонтано ја почна „Sweet Child O’ Mine“ од „Ганс ен Роузис“, на која настана вистинска рок-журка. Концертот, кој го организираше „Фреш унион“, заврши со песната која најдобро го опишува, „Фреквенција на љубовта“.

 

М. ЏАРОВСКА