Лиза Џерард, еден од најволшебните вокали во современата музика, вечерва ќе одржи концерт во Филхармонијата, заедно со прославениот бугарски женски хор „Мистери оф булгеријан воисис“ (The Mystery of the Bulgarian Voices).
Педесет и осумгодишната Џерард е еден од основачите на дуото „Дед кен денс“, со кое летоска ги посети и Белград, Пловдив и Солун, но низ кариерата беше вклучена и во разни други проекти, па, меѓу другото, има добиено Златен глобус за музиката за филмот „Гладијатор“.
Со појава на вистинска музичка дива, Џерард има вокален опсег на контраалт/мецосопран и има објавено и пет соло албуми, при што на последниот соработува токму со „Мистери оф булгеријан воисис“. Овој хор опстојува од средината на минатиот век и го негува автентичниот бугарски мелос во облик на мистично а капела пеење.
Концертот што го организира Младински културен центар почнува во 20 часот.