МАКЕДОНСКИ И ХРВАТСКИ СТУДЕНТИ ОДРЖАА ХУМАНИТАРЕН КОНЦЕРТ ВО ЗАГРЕБ ПОСВЕТЕН НА ЖРТВИТЕ НА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во салата „Тоше Проески“ во просторот на македонската православна црква ,,Св. Злата Мегленска” во Загреб се одржа концерт на класична музика посветен на настраданите во пожарот во Кочани и во знак на поддршка на нивните семејства. Концертот го организираа македонските студенти од Музичката академија во Загреб заедно со нивните хрватски колеги, во соработка со Советот на македонското национално малцинство за Загреб и Македонската православна црква во Хрватска.

На концертот настапија Виктор Рафајловски – клавир, Дамјана Апостоловски – сопран, Ема Ковачевиќ – клавир, Јана Стоилевска – сопран, Јосип Галиќ – баритон, Андреа Николовска – клавир, Катарина Коцељ – виолина, Ловре Тунуковиќ – виолончело, Карло Ѓурѓевиќ – клавир, Марта Бешлиќ – клавир и Даријан Ивезиќ – клавир.

,,На вакви концерти со хуманитарен карактер зборовите се излишни. Ние, студентите на Музичката академија во Загреб, преку музиката говоревме за сите наши револти, таги и немоќи, бидејќи токму музиката има моќ да утешува во вакви тешки времиња. Сите собрани средства ќе бидат донирани во Црвен Крст Македонија”, кажаа студентите.