Фестивалот Денови на македонска музика ќе почне денеска (17 септември) во 20 часот со симфониски концерт во Филхармонијата. Ќе настапи нејзиниот оркестар, со кој ќе диригира Иван Еминовиќ, а солистка ќе биде мецосопранот Сара Јанева (фото).
На програмата се дела од четворица македонски композитори од различни генерации: „Циклус песни“ (2004) од Стојан Стојков, „Темпера 3“ (1968) од Тома Прошев, увертирата „Храдебни“ (1997) од Горан Начевски и Концертот за симфониски оркестар „Ремикс“ (2012) од Гоце Гавриловски.
Денови на македонска музика е фестивал посветен на македонското музичко творештво, во организација на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ). Годинава се одржува неговото 49. издание. Влезот е слободен.