МАРКИ РАМОН ЌЕ ГИ СВИРИ ХИТОВИТЕ НА „РАМОНС“ НА Д ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Марки Рамон, долгогодишниот тапанар на легендарната панк рок група „Рамонс“, е првиот потврден учесник на 11. издание на Д фестивал во Дојран, каде што ќе свири со својот бенд „Блицкриг“. Тоа ќе биде негово второ гостување во Македонија, откако пред 14 години настапи и на „Таксират“.

Сега 69-годишниот Марк Бел, како што му е вистинско име, се придружи на „Рамонс“ во 1978 и свиреше на осум од 14-те студиски албуми. Тој беше дел и од финалната постава пред распадот на групата во 1996.

Имајќи предвид дека сите останати членови на класичната постава на „Рамонс“ се починати, ова ќе биде ретка можност во живо да се слушнат најголемите хитови на групата која се смета за еден од основоположниците на панк рокот.

Годинашното издание на Д фестивал ќе се одржи од 1 до 3 јули.

Г. КОНЕВ