Членовите на музичката индустрија, исто така, ќе му дадат поддршка на движењето „Времето истече“ на утрешното доделување на наградите Греми, но тоа нема да биде изразено преку црна облека, како на неодамнешните Златни глобуси.
Пред одржувањето на церемонијата, се покрена иницијатива учесниците кои сакаат да им дадат поддршка на жртвите на сексуалното вознемирување да носат бела роза и меѓу познатите имиња кои се согласиле на ова се Кели Кларксон, Синди Лопер, Дуа Липа, Рита Ора и Леди Гага.
„Инспирирани од кампањата ‘Времето истече‘, ги охрабруваме уметниците и нашите колеги кои ќе присуствуваат на 60. Греми награди во Њујорк да носат бела роза на церемонијата. Го избравме овој цвет бидејќи, историски гледано, е симбол на мирот, надежта, сочувството и отпорот“, изјави Карен Рајт од издавачката куќа „Интерскоп“.
Поп-ѕвездата Кеша ќе ја изведе песната „Молитва“, во која раскажува за својот однос со продуцентот Доктор Лук, за кој тврди дека вербално, физички и сексуално ја злоставувал.