ПИТЕР ЏЕКСОН СНИМА 3Д ДОКУМЕНТАРЕЦ ЗА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

Лондон, (АП)

Режисерот на хит-трилогиите „Господар на прстените” и „Хобит“, оскаровецот Питер Џексон, се сели од Средната Земја на Западниот фронт, трансформирајќи црно-бели снимки од Првата светска војна во 3Д за нов документарен филм.

Филмот на Џексон е меѓу десетиците уметнички проекти, нарачани од британските културни институции, за прославата на 100 години од крајот на Првата светска војна (1914-1918 година).

Режисерот од Нов Зеланд реставрираше филм од Музејот на империјалната војна, користејќи најсовремена дигитална технологија, спојувајќи го со архивски аудио-снимки од ветераните од војната.

Тој рече дека целта на документарецот е да се затвори дупката од 100 години и да се покаже „како изгледа навистина да се борите во војна”.

„Сите знаеме како изгледаат снимките од Првата светска војна. Сѐ се случува набрзина, нерамномерно е и веднаш ве спречува да се поврзете со настаните на екранот. Но, резултатите што ги имаме се апсолутно неверојатни. Тие се далеку од она што го очекував“, изјави режисерот.

Филмот ќе се прикаже премиерно на Лондонскиот филмски фестивал во октомври, пред да биде емитуван на Би-Би-Си. Исто така, секое училиште во Велика Британија ќе добие копија.