„Ми требаше многу сила и концентрација да испеам песна за Дуле“, ни рече Никола Јанков- Коки кој беше дел од втората фестивалска вечер на Макфест вчера (24 октомври) во Домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип.
Јанков ја испеа песната „Виолина и…“ која ја напишаа Јован Јованов и Дамјан Лазаров, а во неа, тој пее за колегата и другар, Душан Љубисављевиќ кој почина од рак во 2013.
„Ниту песна рана затвара, кога и да запеам на тебе сѐ ме потсеќа. Животот тече сѐ се менува, и не е исто штом ќе засвирам јас на гитарата. Исти кафани време различно, свириме до зори повторно, но не е истото, без твојата гитара брату мој“, се дел од стиховите на песната во која се користени стихови од хитовите на Дуле и Коки.

Сценските ефекти беа впечатливо прилагодени на песната. Додека Коки пееше и свиреше виолина, во позадина се покажуваше гитара и човек како свири на гитара. Оваа песна доби најголем аплауз од сите на фестивалот.
Дуле и Коки беа штипско дуо кое на Макфест во 1996 победија со песната „Виолина и гитара“. Таа песна, Јанков ќе ја испее вечерва (25 октомври) на гала вечерта со која се слави 40. години Макфест.

„Тогаш со Дуле станавме популарни преку ноќ, и тоа некако личеше лесно во тоа време. Со еден хит, со еден фестивалски настап се стануваше ѕвезда. Сега, за младиве пејачи е многу потешко, мора да се заслужи популарноста. Паметам дека обожавателки ни доаѓаа дома, на улица нѐ застануваа, а нас не ми беше јасно што се случи одеднаш. Мојата ќерка Лара сега има 16 години, на почетокот ме прашуваше зошто луѓето ме знаат, друго време е сега“, ни рече Јанков. Тој предава виолина во музичкото училиште во Штип, и вели дека не е строг професор.
Јанков наскоро ќе промовира двоен албум со 20 песни, дел нови, дел преработки на хитовите на Дуле и Коки. Со концерт, тој во 2026 ќе прослави 30 години од хитот “Виолина и гитара“.
М. ЏАРОВСКА