Младински културен центар во Скопје вечерва и утре ќе биде домаќин на второто издание на „Скопје винил конвеншн“, најголемиот настан и пазар на плочи во државата.

Повеќе од 30 домашни и регионални дилери на плочи ќе земат учество на настанот, кои преку размена или продажба ќе им помогнат на љубителите на овој носач на звук да ги зголемат и дополнат своите колекции.

Конвенцијата ќе биде проследена и со богата музичка програма, при што е најавен настап на повеќе од 50 домашни и странски диџеи, кои ќе пуштаат музика исклучиво на плочи. Како главни ѕвезди се најавени Шимокита од Јапонија, Џим Шарп од Велика Британија и Роб Манга од Холандија.

Во рамките на Конвенцијата, македонскиот хеви метал бенд „Стил темпл“ утре ќе одржи промоција на винил изданието на својот албум „Ничии робови“.

„Скопје винил конвеншн“ почнува вечерва во 22 часот и ќе трае цел ден утре.