ЌЕ ГО ЗАДРЖАМ ДЕЛОТО, КАЖА НОВАТА СОПСТВЕНИЧКА НА СЛИКАТА НА БАНКСИ ШТО БЕШЕ ИСЕЧЕНА ВО ПАРЧИЊА

Лондон, (Би-Би-Си)

Делото на Банкси кое се самоуништи веднаш откако беше продадено на аукција за повеќе од еден милион фунти, сепак, нема да заврши во ѓубре.

Жената која ја купи сликата „Девојка со балон“ изјави дека ќе ја задржи, иако таа беше исечена во парчиња, поминувајќи низ режач вграден во рамката.

„Пест контрол“, фирмата која се огласува во името на мистериозниот британски графити уметник, објави дека новото има на сликата е „Љубов е во корпата за ѓубре“.

Аукциската куќа „Сотбис“ потврди дека постигнатата цена од 1,042 милиони фунти ќе биде целосно ислатена од новиот сопственик на сликата, која, всушност, е реплика на графитот нацртан на ѕид во Лондон.

За новата сопственичка се знае само дека е од Европа.

„Во прв момент бев шокирана, но потоа сфатив дека ќе поседувам мое сопствено парче од историја на уметноста“, изјави таа.

Остана нејасно на кој начин бил активиран режачот, но Банкси на Инстаграм појасни зошто направил таква рамка.

„Во случај делото некогаш да биде ставено на аукција“.

Од Сотбис соопштија дека „Љубов е во корпата за ѓубре“ викендов ќе биде изложена во една нивна галерија во Лондон.