НАЈДОБРАТА ЗАБАВА Е ВО МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ АРЕНБИ ЅВЕЗДАТА ЏЕЈСОН ДЕРУЛО НА КОНЦЕРТОТ ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Американската аренби ѕвезда Џејсон Деруло приреди светско шоу сношти (2 август) во Охрид, на стадионот „Билјанини извори“. Со екипа професионални танчари и богати сценски ефекти, Деруло ги испеа своите најголеми хитови со милионски прегледи на музичките платформи и на социјалните мрежи.

„Можевте да бидете било каде вечерва, но вие одбравте да сте тука со нас. Најдобрата забава на светот е сега и овде, во Македонија“, ѝ рече Деруло на публиката. Во првите редови, со вресоци го пречекаа главно тинејџери, а на концертот имаше и повозрасна публика, родители со деца. Забавата со енергичниот Деруло почна со неговиот хит „Swalla“ од 2017 и неговиот атрактивен танц заедно со танчарките.

Фото: (СМАРТ.СДК.МК)

„Има ли овде некој кој е дојден со најдобриот пријател?“, праша Деруло пред хитот „Дива љубов“ (Savage Love).  Потоа, ги праша младите дали во публиката дали има некој кој не во врска, на што повеќето одговорија со вресоци.

„Сакајте се себеси, тоа е најважно за да ве сакаат и другите“, рече Деруло.

Богати сценски ефекти и професионални танчари на концертот на Деруло (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

На музичката сцена, тој се појави во 2009, но најголемата популарност ја постигна за време на пандемијата, со видеата кои ги снимаше на ТикТок. Милионски прегледи имаа неговите танцови предизвици и комични скечеви, што му помогна да стане феномен и поголема ѕвезда. Танцовите движења кои младите ширум светот ги повторуваа, како и ТикТок трендовите што ги измисли, на младите од цела Македонија, како и туристите од Балканот и од Европа кои беа на концертот, сношти им беа достапни во живо. Концертот го организираше продукцијата „Прагма“.

М. ЏАРОВСКА