НАПИШАВ ПЕСНА ЗА ПОЖАРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА КОГА БЕВ МНОГУ ТАЖНА, ВЕЛИ ПЕЈАЧКАТА ИРЕНА СПАСОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фолк-пејачката Ирена Спасовска на Охрид фест ја испеа песната „Горат шумите на Македонија“, која ја напишала во јули, инспирирана од пожарите.

„Ја напишав песната кога бев тажна, во еден здив, во период кој беше болен за сите нас. Секое време од македонската историја има свој белег за кој се пеело во песните, јас напишав песна за ова што ни се случуваше сега“, ни рече Спасовска.

Пејачката вели дека прошетала речиси низ целиот свет, но Македонија за неа е најубава.

„Жал ми е што не си ја цениме доволно Македонија. Кога ја пишував песната, прво ми дојдоа оние стихови: ‘Кажи ми, кажи ми, кој ли те потцени, тој аир да не види’“, вели пејачката, која на фестивалот не доби награда.

Победник на фолк вечерта на Охрид фест од публиката беше Благоја Грујовски.

Според податоците на Центарот за управување со кризи, до 18 август на територијата на државата имало 667 пожари на отворен простор, од кои 98 шумски пожари и повеќето од нив тешки за гаснење.

М. ЏАРОВСКА