НЕ СЕ НИ ОБИДОВМЕ ДА ГО ВИКНЕМЕ ЏОН ЛАЈДОН ЗА ПОВРАТНИЧКИТЕ КОНЦЕРТИ, НЕ ЗБОРИМЕ 17 ГОДИНИ, ВЕЛАТ ОД „СЕКС ПИСТОЛС“

Лондон, (НМЕ)

Гитаристот Стив Џонс вели дека не се ни обиделе да го викнат Џон Лајдон да учествува на повратничките настапи на „Секс пистолс“.

Панк легендите, кои го имаа последниот настап со Лајдон во 2008, ќе тргнат на британска турнеја оваа есен, со Френк Картер како фронтмен. Во план е и турнеја во САД.

Џонс кажа дека тој и неговите колеги од бендот немаат зборено со Лајдон 17 години. Нивните односи дополнително се влошиле откако Лајдон ја изгуби судската битка против користењето на музиката на „Секс пистолс“ во серијата „Пистол“ на Дени Бојл.

Лајдон ги имаше последните настапи со „Секс пистолс“ во 2008 (Фото: Гети)

„Не збориме. Последен пат сум зборел со него во 2008. Но, му посакувам сѐ најдобро. Заедно поминавме одлично време кога бевме млади и тоа на сите ни ги промени животите. Но, по последната судска битка не се ни потрудивме да го прашаме Џон да ни се придружи на повратничката турнеја. Мислам дека не ни бил заинтересиран“, кажа Џонс.

„Секс пистолс“ лани во јуни објавија дека ќе се обединат, првично за само неколку концерти, при што на Стив Џонс, Глен Метлок и Пол Кук од оригиналната постава им се придружи англискиот пејач Френк Картер. Лајдон го критикуваше обединувањето и кажа дека ќе биде како караоке.