Албумот на гитаристот Владимир Василевски-Четкар „Let Us Be“, кој е издаден во Јапонија, е прв на листата на препорачани албуми на национално ниво низ сите музички продавници на „Тауер рекордс“ во Јапонија.
Во критиката за албумот, меѓу другото, се вели:
„Од неговиот урбан соул стил, преку правците на ‘Инкогнито‘ и Џамироквај, сѐ до фанк диско стилот, неговиот сензибилитет го одделува од комерцијалните правци. Топло се препорачува за сите љубители на музиката од 1980-тите. Нема некој што не го сака овој звук“.
„Let Us Be“ е симбиоза на џез, фанк, соул и диско и комплетно авторско дело на Четкар, каде што тој е композитор, аранжер, продуцент, гитарист, вокалист и текстописец. Албумот се снимаше во Чикаго и Милвоки и содржи осум песни. Меѓу нив е и „Охрид“, посветена на родниот град на Четкар.