Независен експерт ќе ги истражува настаните околу овогодинешната Евровизија во Малме, по низа контроверзии, како што се дисквалификацијата на холандскиот натпреварувач и пропалестинските протести.
Меѓународниот музички натпревар го дисквалификуваше холандскиот натпреварувач Јост Клајн поради „инцидент“ во кој тој наводно вербално се заканувал на вработен во продукцијата, а израелскиот натпреварувач Еден Голан настапи за време на влошената ситуација во Газа.
Израелската национална телевизија подоцна тврдеше дека се соочила со „невидени знаци на омраза“ од други држави. Организаторите на Евровизија потврдија дека затоа ќе се спроведе истрага за овие настани.
„Европската радиодифузна унија (ЕБУ) сака постојано да работи на подобрување на своите услуги. Со цел дополнително да го зајакнеме натпреварот за Евровизија, побаравме од независен експерт да го истражи ESC 2024 во Малме и да сподели со раководните тела на ЕБУ што открил“, велат организаторите.
По натпреварот на кој победи Швајцарија, а хрватскиот претставник Бејби лазања се пласираше на второто место, организаторите најавија дека ќе спроведат истрага бидејќи дел од делегациите „не ги почитувале правилата“.