Новото електронско издание „Збирка ноти – Камерна музика од Љубомир Бранѓолица“ е избор на дела од богатиот опус на македонскиот композитор со хрватско потекло. На повеќе од 40 страници се сместени шест нотографирани дела. Автор на збирката е Андреј Блажевски.
„Со оваа збирка ноти од опусот на камерната музика на своевиден начин му се заблагодарувам на композиторот за долгогодишната соработка која ја имавме и верувам дека оваа збирка ќе претставува вреден извор за сите музички изведувачи, композитори и љубители на музиката. Создавањето на оваа збирка ноти е продукт на долгогодишна работа преку евидентирање, архивирање и дигитализација на богатото музичко наследство што го создаде композиторот Љубомир Бранѓолица. Со неговите музичка генијалност, мелодичност и израз тој остави длабока трага во македонската музичка мисла на 20. и 21. век“, вели Блажевски.
Збирката може бесплатно да се разгледа и преземе од страната на дигиталниот архив на Бранѓолица.