Охрид фест-Охридски трубадури по 31. пат ќе се одржи на 30 и 31 август на сцената „Долни Сарај“ во Охрид. Поделен е во две вечери: фолк на 30 и интернационална на 31 август.
„Годинава влезот е слободен. Очекуваме одличен фестивал, со многу добри песни, со настапи на наши докажани пејачи и гости од странство, ѕвезди од поранешна Југославија, но и многу млади пејачи“, вели Григор Копров, директорот на фестивалот.
Благоја Грујовски, Катерина Танева, Благица Павловска, Петар Нечовски, Милица Кузмановска и групата „Биоритам“ се дел од учесниците на фолк-вечерта, што ќе ја води Ирена Спировска. На интернационалната вечер ќе се слуша поп-музика и, меѓу другите, ќе настапат Јелена Томашевиќ, Дадо Топиќ, Гоца Тржан, Срѓан Марјановиќ, Брано Ликиќ, Тони Мишел и Принц од Врање. Водители и оваа година се актерот Васил Зафирчев и водителката и модел Марјана Станојковска (фото).
Годинава, фестивалот ќе додели награда за безвременска песна, а ќе ја добие српскиот пејач Милош Јовиќ, попознат како Лео Мартин, за песната „Одисеја“, снимена во 1973. Мартин, кој има 82 години, ќе биде гостин на фестивалот за да ја прими наградата.
Двете фестивалски вечери почнуваат во 21 часот.
М. ЏАРОВСКА