Ана Петановска испеа брза песна во стилот на Витни Хјустон на Макфест во Штип, на втората вечер на 24 октомври. Григор Копров ја напиша музиката за песната „Со тебе до ѕвездите“, таа е автор на текстот, а аранжманот е на нејзиниот брат Стефан Петановски.
„По баладите кои ги испеав на фестивалите изминативе месеци, оваа песна ми дојде како освежување. Многумина коментираа дека е како Витни Хјустон на почетоците од кариерата, што ми е многу драго. Инаку, Макфест е речиси двојно постар од мене, но израснав со хитовите од овој фестивал, особено со оние од пред десетина години. Омилена песна ми е ‘Готово е’ од Тамара Тодевска“, ни рече Петановска.
Младата поп-пејачка (21) е еден нашите најдобри женски вокали и учествува на доста фестивали во Македонија и во регионот.

Петановска и хрватскиот пејач Дадо Топиќ со песната „Небо“ победија на фестивалот „Бисер на Јадранот“, кој се одржа во Тиват, Црна Гора. Со истата песна, како ревијални гости настапија на Охрид фест.
Ана Петановска освои награда за најдобра интерпретација на фестивалот „Далматинска шансона“ во Шибеник, Хрватска со песната „Само љубовта постои“ (Само љубав постоји). Пред Тиват, таа имаше забележителен настап и на Сплитскиот фестивал со песната „Кога ноќта ќе го сретне денот“. Петановска, која студира психологија, редовно настапува и на концертите со преработки на светски хитови со големи оркестри
М. ЏАРОВСКА