ОРКЕСТАРОТ НА ФИЛХАРМОНИЈАТА НА КОНЦЕРТ ВО ДУБРОВНИК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Оркестарот на Филхармонијата на 26 септември ќе гостува во Дубровник, со концерт на сцената во Кнежев двор. Како солистка ќе настапи хрватската виолинистка Џана Кариман, концертмајстор на Симфонискиот оркестар на Дубровник, а диригент е маестро Борјан Цанев (фото).

На програмата се „Медитеранска суита“ од балетот „Дубровачка легенда“ од Љубомир Бранѓолица, Концертот за виолина и оркестар во А-дур од Моцарт и Симфонијата бр. 5 во Б-дур од Франц Шуберт.

Џана Кариман е родена во 1989 во Дубровник. Учествувала на бројни натпревари во земјата и во странство. Членка е на познатиот хрватски камерен ансамбл „Загрепски солисти“.

Како солистка ќе настапи хрватската виолинистка Џана Кариман (Фото: Симфонсики оркестар на Дубровник)

Борјан Цанев е постојан диригент на Филхармонијата. Специјализирал диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон. Во 2010, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски композитор. Во 2015 ја предводеше Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк.