ОСМИОТ „ЗДРАВО МЛАДИ“ СО ДЕСЕТЧАСОВНА ПРОГРАМА ВЕЧЕРВА ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Театар, изложба и многу музички настапи во живо ја сочинуваат речиси десетчасовната програма на осмото издание на фестивалот на нова музика „Здраво млади“, што се одржува денеска, и тоа за првпат во септември, место во вообичаениот термин во јуни.

Целиот Младински културен центар во Скопје ќе биде окупиран со настани, но главното ќе се случува на надворешната бина, кадешто, почнувајќи од 19.30 часот, на сцената ќе се изменуваат „Палиндром“ (Македонија), „Репетитор“ (Србија), „Сигаретс афтер секс“ (САД) и „Вуден шјипс“ (САД).

Германскиот бенд „Камера“ ја отвора внатрешната бина во 21 часот, по што следуваат „Флохио“ (Англија) и „Бленк мас“ (Англија), како и низа домашни хип хоп артисти.

Последниот концерт, на 55-годишниот њујоршки експериментален музичар Ерик Коупленд, е закажан за 01.15 часот во Денсинг салата.

Програмата ја дополнуваат театарската претстава „Црнила ремикс“ (кино Фросина, 19.30 ч.) и изложбата на фотографии на Штефан Хекел, а „Здраво млади“ овојпат ги зеде предвид и најмладите, кои на пладне ќе можат да се забавуваат со бендот „5+“.

Г. КОНЕВ