ПЕШТАНЦИ ЌЕ ПЛАЌААТ ПОЕВТИНА КАРТА ЗА ВЕЧЕРАШНАТА ХУМАНИТАРНА ТЕХНО ЗАБАВА НА ПЛАЖАТА ОРЕВЧЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Серијата летни забави на плажата Оревче во Охрид продолжува со вечерашниот заеднички настап на две големи ѕвезди на електронската сцена, Ернан Катанео и Рик Ворен (од 22 часот).

Најголемиот настан на оваа плажа досега, како што го опишаа организаторите, ќе има и хуманитарен карактер и парите од продадените влезници ќе бидат донирани за изградба на детско игралиште во градинката во Пештани.

Од таа причина, локалните жители ќе бидат привилегирани на влезот: само за пештанци, картата ќе чини 300 денари, дури 600 денари поевтино од регуларната цена.

„Две врвни светски имиња ќе настапат вечерва на Оревче во чест на нашите деца. Затоа ве поканувам да учествувате во оваа акција, со која ќе ја покажеме нашата општествена одговорност“, стои во поканата на Фејсбук.

Аргентинецот Катанео и Британецот Ворен се ветерани на хаус сцената, кои почнале да настапуваат како диџеи уште во почетокот на 90-ите години. Ворен има издадено осум албуми во рамките на познатиот серијал „Глобал андерграунд“ и исто така е дел од дуото „Уеј аут вест“.