ШМИНКЕРОТ НА „ОСТРИ ПРЕДМЕТИ“ РАЗВИЛ СПЕЦИЈАЛНА ФОРМУЛА ЗА ЛУЗНИТЕ НА ЕЈМИ АДАМС

Лос Анџелес, (Холивуд рипортер)

Шминкерите на серијата на Ејч-Би-О „Остри предмети“ користат специјална шминка, која се нанесува неколку часа, за да се креираат лузните на главната актерка Ејми Адамс.

Во првите епизоди од мистеријата за мрачните убиства на две тинејџерки, базирана на истоимениот роман на Џилијан Флин, многу прецизно беа прикажани лузните од самоповредувањето на Камила Прикер (Адамс).

Овие лузни беа креирани од познатиот мајстор за специјални ефекти Адриен Морот, кој не само што дизајнирал како тие ќе изгледаат на телото на Адамс, туку и развил специјална формула за медицинско лепило, што ќе се прилагоди во зависност од условите за снимање.

Ејми Адамс ја игра новинарката Камила Прикер, која често пие и се самоповредува

„Требаше да земаме предвид неколку работи во поглед на материјалите. Каде ќе снимаме? Во какви услови? Колку време ќе имаме за шминка? Колку време ќе ни треба да ја извадиме“, вели Морот, кој има номинација за Оскар.

Финалниот производ е повеќе како привремена тетоважа, со што се намалил процесот на два и пол часа или помалку.

„Не мораме да користиме лепак за секоја буква. Имаме медицински леплив материјал, кој се извлекува од калапи со сите букви и зборови на нејзиното тело и кога ќе се притисне на нејзината кожа, го одлепуваме и зборот е таму“, вели тој.

Околу 50-60 зборови се појавиле во книгата, но кога Морот направил тест користејќи дублерка, сфатил дека ќе бидат потребни меѓу 350 и 400 зборови за да се покрие целото тело на Камила, па побарал од сценаристите да додадат уште зборови. Потоа, на телото на дублерката ги скицирал зборовите.

„За нас беше навистина важно да покажеме дека оваа жена е во болка”, вели Кејт Биско, шминкерката на Адамс, која е задолжена и за алкохоличарскиот изглед.