На Охридско лето вечерва (29 јули) концерт ќе одржи квинтетот „Адриатико“, од 21 часот во црквата „Св. Софија“. Ансамблот „Квинтето Адриатико“ е нов проект на италијанскиот пијанист Федерико Ловато, хрватската виолончелистка Латица Аниќ и хрватско-македонскиот контрабасист Илин Диме Димовски.
Квинтетот е плод на повеќе од 20-годишната соработка на Ловато и Димовски.
„Во постојана потрага по нови предизвици и квалитетно заедничко музицирање, тие ги контактираат фантастичната виолончелистка Латица Аниќ, која гради интернационална кариера како солист и педагог во Лихтенштајн и македонската виолинистка Фросина Богдановска. која е концерт-мајстор на оркестарот во Клагенфурт. Последен член на квинтетот е талентираната виолистка Дагмар Корбар, победничка на годинашниот натпревар ‘Папандопуло‘, водач на секцијата виоли во Холандската филхармонија и асистент-професор на Музичката академија во Загреб“, велат од Охридско лето.
На овој концерт како гостин ќе им се придружи и македонската пијанистка која живее и работи во САД, Јана Павловска-Молц.