ПОЗНАТИ БАЛКАНСКИ МУЗИЧАРИ ГОСТИ НА ДЕБИ АЛБУМОТ НА ИВАН КУКИЌ, ПРОМОЦИЈАТА Е НА 23 НОЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Деби албумот на музичарот Иван Кукиќ насловен „Sunday Vibes“ ќе се промовира на 23 ноември во Скопје, во „АудиоКултура“ од 13 часот. За промоцијата, Кукиќ најавува акустичен концерт со своите најблиски соработници.

Албумот го издава „Кроација рекордс“ и има десет песни, од кои две се веќе промовирани како синглови, „Балада за една љубов“ и „Друмови“.

Кукиќ е автор на најголемиот дел од материјалот на албумот, на кој има и интересни соработки. Една песна отпеа Дадо Топиќ, гостуваат и Влатко Стефановски, бугарскиот кавалџија Теодосиј Спасов, групата „Јупитер“ и грчкиот блуз и рок гитарист Сакис Доволис, а синглот „Балкан фанк“ е снимен со Џамбо Агушев и Јан Стефановски.

Иван Кукиќ, кој на јавноста ѝ е најпознат како басист во триото на Влатко Стефановски, пред една година дипломираше музичка продукција и дизајн на звук во Белград. Тој свири гитара, тапани, пијано, контрабас и народни инструменти, компонира, аранжира и пее.

(Фото: Струмица опен фестивал)