ОДИМЕ НА ЕВРОПСКО СО НОВА НАВИВАЧКА ХИМНА (ВИДЕО)

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Се ближи историското деби на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство, а атмосферата се подгрева со нова навивачка химна. „Одиме на Европско“ и официјално беше промовирана во петокот, а од вчера има и спот.

Автори на музиката и текстот се Саше Љолес и Петар Младеновски, фронтменот на „Суперхикс“, кои ја изведуваат како дел од групата „ВИС Рисови“, заедно со Никола Бочваров, Танче Гроздановски и Слободан Хаџи-Илиев. Меѓу придружните вокали се и Симе Златков, Дени Крстев и Васко Атанасовски, сите дел од скопската урбана музичка сцена.

Режисер на спотот е Огнен Шапковски.

Европското првенство, што ќе се игра во 11 држави, почнува на 11 јуни, а Македонија го има првиот настап два дена подоцна, против Австрија во Букурешт.