Организаторите на пропаднатиот музички фестивал Фајр почнаа да продаваат билети за неговото второ издание, ветувајќи многу поуспешно искуство од првиот пат, што заврши со судски тужби.
Промовиран од некои од најпопуларните инфлуенсери и јавни личности, првиот Фајр во 2017 на Бахами се претвори во катастрофа откако посетителите сфатија дека ветеното луксузно сместување е лага, организацијата беше ужасна, а бројни најавени музички ѕвезди се повлекоа. За фестивалот подоцна се коментираше дека бил поблиску до „Игри на гладните“ отколку до Коачела.
Основачот на фестивалот Бил Мекфарланд беше обвинет за измама и осуден на шест години затвор, но беше ослободен за помалку од четири години. Суд во Њујорк им додели обесштетување од по 7.220 долари на 277 посетители.
„Знам дека многумина мислат дека сум луд што повторно го правам ова, но би бил луд ако не го направам. По неколку години размислување и обмислено планирање, новиот тим и јас имаме неверојатни планови за Фајр 2“, кажа Мекфарланд, кој наводно и натаму должи 26 милиони долари.
Второто издание треба да се одржи на остров во Мексико, а цените на картите се движат од 1.400 до 1,1 милион долари.
На официјалната страница се ветува „наелектризирана прослава на музиката, уметноста, храната, комедијата, модата, игрите и спортот со незаборавни изведби, извонредни искуства и атмосфера што ги редефинира креативноста и културата“. Засега нема потврда кој ќе настапи, но Мекфарланд рече дека ќе има имиња од електронска, хип-хоп, поп и рок музика.
(Фото: Нетфликс)