Пејачката на традиционална музика Габриела Новевска ќе го одржи својот прв солистички концерт на 10 септември во Националната опера и балет (20 часот). Концертот е насловен „Те кажувајет, Илино моме“, а Новевска премиерно ќе ги испее осумте песни од истоимениот албум и уште неколку нови преработки на македонски традиционални песни.
„Иако долги години е препознатлива како вокал на етно составот ‘Монистра’ и е дел од националниот ансамбл ‘Танец’, проектот ‘Те кажувајет, Илино моме’ е она со кое самата се издвојува. На овој албум таа ја става народната песна во фузија со рок и џез музиката. Начинот на старото македонско пеење е задржан, додека музичката обработка се вклопува во денешниот, модерен свет“, велат од тимот на Новевска.
Аранжманите ги направи Александар Јовевски.
Билетите за концертот се продаваат преку мрежата на ticketx.mk.