Актерот Игор Џамбазов е годинашен добитник на наградата „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарската уметност, што традиционално ја доделува Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово.
Од Советот на МТФ „Денови на комедија 2026“ велат дека признанието му се доделува за неговата исклучителна актерска дарба, препознатливиот хумор и повеќедеценискиот придонес во театарската и културната уметност.
„Неговата исклучителна актерска дарба, неповторливиот хумор и повеќедеценискиот придонес во театарската и културната уметност оставија неизбришлива трага кај публиката и заслужено го вбројуваат меѓу најголемите имиња на македонската комедија“, рекоа организаторите.
Наградата свечено ќе му биде врачена на отворањето на фестивалот, на 23 септември, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
„Васил Иљоски“ е највисокото признание на фестивалот Денови на комедија, кој го организира Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“, и се доделува на истакнати театарски уметници за нивниот траен придонес во развојот на театарската уметност, со особен акцент на комедијата.