Фантастичен концерт насловен „Рокенрол во џез“, на кој на крајот публиката беше на нозе, одржа Националниот џез оркестар вчера (8 декември) во Филхармонијата. Тројца легендарни музичари во една вечер беше полн погодок: Рамбо Амадеус, Дарко Рундек и Влатко Стефановски.
Концертот еуфорично почна, кога Рамбо Амадеус се појави на сцената како прв гостин. Еуфорично и заврши, кога црногорскиот музичар, заедно со Рундек и неговите придружни вокали, излезе на сцената свирејќи туба на хитот „Скопје“ на „Леб и сол“.

Рамбо Амадеус и НЏО се пријатели и соработници и имаат одржувано заеднички концерти. Ова беше нивниот најдобар и најзрел настап досега. Искуството си го направи своето, но и публиката, која Антоније Пушиќ, познат како Рамбо Амадеус и неговиот оригинален хумор ги прифаќа како свои.
„Еден е Гоце Стевковски, еден е Џијан Емин, еден е Националниот џез оркестар“, рече Рамбо Амадеус за директорот на НЏО, Стевковски, кој свиреше во оркестарот за време на неговиот настап и за диригентот Емин.

Дарко Рундек исто така има свирено со џезерите пред повеќе од две години во Филхармонијата. Кога во 2023 беше во Скопје, Рундек кажа дека соработките со биг бенд му се важни и драги, откако албумот „За ваша попладневна разонода“ го сними со Биг бенд оркестарот на Хрватската радиотелевизија. Публиката пееше заедно со легендарниот фронтмен на „Хаустор“ и неговите придружни вокали. При крајот, некој од публиката му довикна „Моја прва љубов“ (Моја прва љубав), но Рундек ја остави за некој друг пат. Рамбо Амадеус по неговиот настап седна во публиката и внимателно го следеше Рундек.

Влатко Стефановски беше пречекан со овации, а свиреше на крајот. Ретка привилегија беше да се слушнат „Бистра вода“, „Скопје“ и други легендарни хитови со биг бенд во различни, богати аранжмани, што ги направи Џијан Емин. На бис ја слушавме „Како какао“ (Као какао), а публиката коментираше дека концертот поминал за миг и треба да се повтори.
М. ЏАРОВСКА