РАПЕРОТ ТАЈГА ДОАЃА НА ФЕСТИВАЛОТ „ФЈУЖН“ ВО СКОПЈЕ СПЕЦИЈАЛНО ОД ЛАС ВЕГАС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Откако првите изданија на фестивалот „Фјужн“ поминаа во пандемиски услови и се фокусираа на домашни музичари, па лани беше скршен мразот со шведскиот диџеј Адам Бејер, организаторите оваа година конечно ја исполнија амбицијата да донесат големо име од светската музичка сцена.

Главната ѕвезда на 22 јуни на стадионот на АРМ во Скопје ќе биде американскиот рапер Тајга (Tyga), кој ќе има ексклузивен еден и полчасовен настап.

„Тајга отпосле ги објави датумите од европската турнеја, па во Скопје ќе дојде директно од Лас Вегас и потоа се враќа назад во САД. Публиката може да очекува светска продукција, големи ЛЕД-екрани и пиротехничко шоу“, велат од „Спектаклум“, кој е организатор на фестивалот.

Со вистинско име Мајкл Реј Стивенсон, 32-годишниот хитмејкер го објави првиот студиски албум во 2008 и потоа следеа уште шест. Во 2011 беше номиниран за Греми за најдобра рап соработка.

И од домашната хип хоп екипа „Sure Shots“ се возбудени што го отвораат фестивалот пред една така голема ѕвезда, зашто, како што велат, хитовите на Тајга се дел од нивните настапи и забави од самите почетоци.

Г. КОНЕВ