Македонското гитарско дуо „Дениција“ настапи во шведскиот парламент во Стокхолм на прославата по повод Денот на независноста. Анастасија Милеска и Александар Андријевски свиреа дела од македонски композитори на покана на македонскиот амбасадор во Стокхолм. Настанот го организираше парламентарната група за шведско-македонско пријателство во која членуваат пратеници од сите партии застапени во шведскиот парламент.
„Ни беше голема чест да бидеме дел од овој настан, каде имавме можност преку музиката на Андовска, Шахов, Иванов, Спироски, Пандевска и Николовски да раскажеме една македонска приказна на две гитари. Најголема благодарност до нашиот амбасадор Џенк Сејфула и неговата сопруга г-ѓа Калина Сејфула за поканата, беспрекорната организација и за најтоплото гостопримство. Навистина уживавме во секој миг од нашиот престој во Стокхолм“, велат од дуо „Дениција“.
Пред настапот на дуото, вечерта ја отворија Лота Џонсон Форнарве, претседателката на Групата за пријателство и амбасадорот Џенк Сејфула, кои зборуваа за успешната демократска соработка помеѓу парламентите на Македонија и Шведска.
Милеска и Андријевски се познаваат од средношколските денови. И двајцата биле во гитарската класа на професорот Дарко Багески во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“. Како дуо „Дениција“ започнале активно да одржуваат концерти во 2018. Моментално и двајцата предаваат гитара во државни музички училишта во Германија.
М. ЏАРОВСКА