Каролина Гочева ќе одржи концерт во скопскиот клуб „Пјур“ на 1 март, објави „Авалон продукција“. Датумот на концертот е симболично избран, поради нејзината песна „1 март“.
„Први март отсекогаш бил наш ден, редно е да го прославиме заедно“, вели Гочева.
„Први март одамна е празник во Македонија. Го викаат денот на Каролина“, велат од „Авалон“ и најавуваат репертоар од најголемите хитови на поп-ѕвездата.
Во јули 2022, Гочева одржа концерт со своите најголеми хитови на стадионот на АРМ во Скопје и за тој концерт рече дека ѝ бил најдрагиот во кариерата.
Песната „1 март“ е дел од албумот „Во заборав“, кој излезе во 2005. Ова е четвртиот албум на поп-пејачката и се смета за еден од нејзините најуспешни. Влатко Стефановски, Калиопи, Џибони, Златко Ориѓански, Дарко Димитров, Весна Малинова, Младен Марковиќ, Бајага и Дино Мерлин се дел од авторите на песните.
(Фото: А. Котевски)