Владимир Четкар преку својата авторска песна „Охрид“, чиј ремикс го направи англискиот диџеј и продуцент Доктор Паркер, се слуша во дискотеките во светот, а во Велика Британија е одлично прифатена, велат од тимот на џез гитаристот.
„Се радувам што македонскиот јазик за првпат се слуша во британските ноќни клубови, и тоа песна за Охрид“, вели Четкар.
„Песната ‘Охрид’ содржи еден дел на македонски јазик и е фузија на повеќе универзални стилови, како џез, диско, фанк и боса нова, но има и македонски ритам во гудачките секции. Со ова се потенцира фактот дека Охрид и езерото се светско наследство, чија важност ги надминува локалните и регионалните граници, како и границите на фолклорот“, додаде музичарот.
Четкар следниот месец заминува во Јапонија. На 6 септември ќе има концерт во Кјото, а на 8 септември во Осака. Потоа продолжува со турнеја низ Америка, во Њујорк, Детроит, Сан Франциско, Кливленд, Колумбус и други градови.