Поп-пејачката Антониа Гиговска одржа уникатна промоција на нејзиниот нов албум „Жена“ со девет нови песни, вчера (7 јуни) во Сули Ан во Скопје.
„Жена“ е песна која стана голем хит откако Гиговска ја испеа на Макфест во 2024, и во 2025 беше прогласена за најслушана песна помеѓу двата фестивала. Поп-пејачката рече дека песните се во различни стилови, работени со повеќе автори, а на секоја од нив посветено работела со тимот зашто секоја песна за неа е различна приказна.
„Секоја песна и секој снимен спот ми буди различни емоции. Секоја песна е моја приказна. Пред да излезат, најчесто ги слушам со сопругот Роберт, бидејќи сме заедно во тимот. И моите родители сакаат да ги слушнат песните пред да излезат, но гледам да не ги оптоварувам, иако тие ми ги бараат, па им ги праќам. Тие се мојата најголема поддршка од самиот старт. Се радувам што се тука за да ми дадат и совет“, рече поп-пејачката.
Денес (8 јуни) напладне ќе излезат пет нови песни и пет нови спота кои Гиговска ги сними на албумот. Таа најмногу соработува во Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, за кои рече дека се одличен тим.
Песната „Жена“ на промоцијата ја испеа во акустична верзија, а сопругот Роберт Спасенцовски-Џокер кој е исто така музичар, ја придружуваше на клавијатури.
Гиговска неодамна сними нова верзија на песната „Чукај срце“, преработка на хит од фолк-пејачката Благица Павловска која беше гостинка на промоцијата.

„Драго ми е што прифатив да соработувам со вакви прекрасни луѓе кои ме подмладија“, рече Павловска на промоцијата. Многу пејачи дојдоа да ја поддржат Гиговска, а меѓу гостите беше и нејзиниото семејство, како и синот Киан кој во јули ќе наполни три години.
М. ЏАРОВСКА
Гиговска со сопругот Роберт Спасенцовски и со синот Киан (Фото: Д.Тануровски)