ШЕСТ КОНЦЕРТИ ВО ЧЕСТ НА ОЛИВЕР ДРАГОЈЕВИЌ ВО ВЕЛА ЛУКА НА КОРЧУЛА, СЕ ОЧЕКУВААТ 30.000 ЛУЃЕ

Сплит, (Глазба.хр)

Во Вела Лука во Дамлација и оваа година ќе се соберат илјадници фанови на еден од најголемите хрватски музичари, Оливер Драгојевиќ. Осмото издание на манифестацијата „Траг во бескрајот“, почна на 26 јули и ќе трае до 31 јули. Настанот со години ја слави музиката на Драгојевиќ кој почина на 29 јули во 2018 на 70 години, по неколкугодишна борба со ракот.

Програмата започна со концерт на море, на брод на „Јадролинија“, каде настапија Марко Тоља, Ива Ајдуковиќ и Марио Павлиќ, во придружба на бендот на Анте Гело.

Вечерва (28 јули) ќе се одржи концертот „Младите го пеат Оливер“, а во рамките на концертот ќе биде промовирана книгата „Оливер, сите нежни зборови на светот“ од авторот Зоран Цуриќ.

Централниот настан е утре (29 јули), кога на пловечка сцена поставена пред пристаништето во Вела Лука ќе се одржи големиот концерт „Траг во бескрајот“.

Фан на Драгојевиќ со тетоважа со неговиот лик на концертот на бродот во Вела Лука (Фото: Дневно.хр)

Ќе настапат Петар Грашо, Зорица Конџа, Нина Бадриќ, Матија Цвек, Ивица Сикириќ Иќо, Јаков Јозиновиќ, Марко Тоља, Ива Ајдуковиќ, Инес Тричковиќ и „Клапа Ошјак“. Концертот традиционално ќе се пренесува во живо на Хрватската радиотелевизија, а ќе продолжи со настап на бендот на Анте Гело.

На 30 јули ќе се одржи концертот „Фудбалски пријатели“, на кој ќе настапат Дражен Зечиќ, Ален Нижетиќ, Џулијано, Хари Рончиќ и Перо Пањковиќ, музичари и долгогодишни пријатели на Драгојевиќ.

Манифестацијата ќе заврши на 31 јули со концертот на Нина Бадриќ и акустичниот оркестар на Анте Гело, на кој хрватската пејачка ќе ги испее најголемите хитови на Оливер Драгојевиќ во нови аранжмани.

„Годинава се очекува да дојдат најмногу луѓе досега, околу 30.000. Мислам дека ова станува меѓународен настан, најавени се луѓе од повеќе блиски земји. Кога за првпат се одржа, мислевме дека ќе биде мал собир за фановите на Оливер, но секоја година се шири сѐ повеќе“, кажа за Нет.хр, Весна Драгојевиќ, сопругата на легендарниот музичар.

Програмата започна со концерт на море, на брод на „Јадролинија“ (Фото: Дневно.хр)

Иако е роден во Сплит на 7 декември во 1947 година, Драгојевиќ уште како мало дете со семејството се преселил во Вела Лука, на островот Корчула, каде што израснал.

Вела Лука останала негов дом и место со кое најмногу се поврзал. Драгојевиќ таму ги поминуваше летата и одмараше кога немаше настапи, и затоа Вела Лука стана централното место каде што секоја година му се оддава почит.

Фото: Пиксел