Ансамбли од Порторико, Венецуела, Унгарија, Грузија, Грција, Македонија и други држави облечени во народни носии, играјќи и пеејќи, продефилираа на традиционалното дефиле низ Широк Сокак на 56. Фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови” во Битола.
Дефилето секоја година Широк Сокак го претвора во голема музичка и танцова сцена на која ансамблите ја претставуваат убавината на фолклорното наследство.

Настанот претставува еден од најатрактивните културни случувања преку лето и успева да го наполни Широк Сокак со гости.
Годинава на „Илинденски денови” кои траат од 14 до 31 јули, настапуваат 1.300 учесници од 35 ансамбли од земјава и странство. Секој ден ансамблите настапуваат на платото пред Офицерскиот дом и на други локации во Битола, па со песна и игра го развеселуваат го градот.

Фестивалот годинава започна со концерт на Симфонискиот оркестар од Нингбо, Кина. Во рамки на ,,Илинденски денови” се одржуваат 70 културни настани. На нив учествуваат бројни фолклорни групи, етнолози, кореографи и други уметници од Македонија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА