Шест македонски радиостаници денеска во 15 часот ќе го емитуваат последниот сингл на „Парни ваљак“ насловен „Повторно“, во чест на Аки Рахимовски. Во тоа време, во Загреб ќе се одржува погребот на фронтменот на „Парни ваљак“, кој почина во саботата на 66 години.
Песната „Повторно“ ексклузивно ќе се емитува на „Метрополис радио мрежа“, радио „Бубамара“, „Скај радио“, „Супер радио“ од Охрид, како и на две интернет радиостаници, „Анторис“ и „Мост“. Иницијативаа ја покренаа „Кроација рекордс“ и „Парни ваљак“, а ќе учествуваат повеќе од 150 регионални радиостаници, кои во исто време ќе ја емитуваат последната песна што ја снимил Аки.
„Повторно“ требаше да биде најава на новиот албум на „Парни ваљак“.
„Најзначајниот рок бенд на нашите простори со песната ‘Повторно‘ се збогува од човекот чиј живот беше музиката и кој со својата неуништлива енергија стана синоним за врвен фронтмен. Аки наеднаш нè напушти, но неговите дух и глас ќе останат засекогаш впишани во сите нас кои пораснавме со ‘Парни ваљак‘“, соопшти „Кроација рекордс“.