ШВЕЃАНИТЕ „ФАЈР!“ ВЕЧЕРВА ВО МКЦ ЗА ОДЛОЖЕНО ЗАТВОРАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ МОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Повеќе од два месеца откако го откажа настапот на затворањето на фестивалот Млад отворен театар, шведското експериментално џез трио „Фајр!“ вечерва, сепак, ќе одржи концерт во Младински културен центар (21 часот). Влезот ќе биде бесплатен.

„Фајр!“ требаше да свират на 28 септември, но поради болест на еден од членовите, беа принудени да откажат. За да биде сѐ како што беше планирано, оваа презакажана свирка ќе се води како официјално затворање на фестивалот.

Бендот во кој членуваат Матс Густафсон (саксофон), Јохан Бертлинг (бас) и Андреас Верлин (удиралки) е формиран во 2009 година и досега има издадено пет албуми. Нивната музика се опишува како мешавина на слободен џез, психоделичен рок и ноиз.

Предгрупа на „Фајр!“ ќе биде скопското трио „Светлост“, кое го најавува својот прв албум за наредната година.