Тапанарот во триото на Влатко Стефановски, неговиот син Јан, сношти (26 јули) за првпат запеа пред публика, на концертот во Антички театар во Охрид во рамките на Охридско лето, со кој Стефановски славеше 50 години кариера.
„Сега следи една премиера. Првпат пред вас ќе ја свириме песната ‘Го чекам дождот (Чекам кишу)’ од албумот ‘Као какао’. Таа му е омилена на Јан и тој ќе ја испее“, рече Влатко Стефановски.
Младиот музичар одлично ја испеа песната, која е 13 години постара од него. „Као какао“ излезе во 1987, а тој е роден во 2000.
За пофалба е и умешноста на Иван Кукиќ на бас, кој е во триото неколку години. Концертот го збогатија специјалниот гостин на клавијатури Дамир Имери и саксофонистот Горан Папаз.
Стефановски на почетокот на концертот прими плакета за особен придонес во музиката од директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ и симболично го почна настапот со „Мирно лето охридско“. Во песната, тој зборува за Охрид некогаш, за погледот од хотелот „Палас“, кој долго време не работи.
Целиот концерт беше убаво патување низ 50-те години кариера на легендарниот гитарист, а на видеобим зад него одеа стари и нови фотографии од изложбата која неодамна се одржа во Мала станица во Скопје. Полниот Антички го награди со овации и побара бис.
„Од оваа песна започна сѐ“, рече Стефановски на „Абер дојде Донке“ на крајот.
„Не ми се верува дека 50 години свирам гитара. Пишувам мемоари и наскоро ќе излезат како книга. И да ви се пофалам, една компанија од Виена произведе жици со мој потпис“, рече Стефановски и на дел од публиката подари неколку комплети од жиците.
Концертот го нарече незаборавна вечер и беше во право. На крајот, од публиката му довикнаа: „Браво мајсторе“.
М. ЏАРОВСКА