Од 18 до 26 септември ќе се одржи седмото издание на Скопскиот градски фестивал, годинава со програма посветена на музичкиот и културниот дијалог меѓу Македонија и земјите од регионот. Организатор е „Баги комуникации“.
Фестивалот ќе донесе музичари од Македонија, Словенија, Албанија, Грција, Црна Гора и Бугарија, а програмата ги поврзува џезот, класичната музика, современото авторско творештво и балканското музичко наследство.
Програмата почнува на 18 септември во 20 часот во Камерната сала на Филхармонијата, каде што пијанистката Милјана Николиќ ќе го претстави проектот „Балкански композитори“, а истата вечер самостоен настап ќе има македонскиот гитарист и мултиинструменталист Мухамед Ибрахими (фото).
На 19 септември во 20 часот, исто така во Камерната сала на Филхармонијата, македонскиот виолончелист Антонио Илиоски и бугарската пијанистка Јана Василева Лолова ќе ја одржат концертната промоција на албумот „Надвор од тишината“ (Beyond The Silence).
На 20 септември во 20 часот ќе настапат македонскиот контрабасист Мартин Ѓаконовски, албанскиот пијанист и композитор Гент Руши и грчкиот хармоникаш Танос Ставридис. Тројцата музичари специјално за фестивалот подготвуваат заедничко дело, кое премиерно ќе биде изведено во Скопје.
Истиот ден, на летната сцена „Лепеза“ во Градски парк, ќе настапи и младата скопска група „Фрекфенција“, составена од ученици од основно училиште.
На 25 септември во 20 часот во Камерната сала на Филхармонијата ќе настапи словенечкиот саксофонист и композитор Васко Атанасовски со „Профундус“. На концертот ќе бидат изведени негови авторски композиции и дела инспирирани од балканската музичка традиција.
Скопскиот градски фестивал е основан во 2021 и во досегашните шест изданија обедини повеќе од 100 уметници од Македонија и регионот, со повеќе премиерни концертни проекти и нови уметнички соработки. Влезниците за концертите се достапни онлајн преку платформата „Вејин“ (Wayin).