СКОПСКИОТ БЛУЗ И СОУЛ ФЕСТИВАЛ ОВАА ГОДИНА НЕМАШЕ ПАРИ ЗА АМЕРИКАНСКИ МУЗИЧАРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Без Американци, но со гости од Данска, Белгија и Србија ќе помине 22. издание на скопскиот Блуз и соул фестивал, што ќе се одржи од 21 до 23 септември во пивницата „Стари град“ во Стара чаршија.

Данскиот проект „Крис Греј и БлуСпенд“, што ќе настапи в сабота, е најавен како главната ѕвезда на фестивалот, но организаторите со жалење признаа дека не биле во можност да донесат американски музичари.

„Оваа година нема Американци, колку и да сакаме сите и ова е најдоброто што можевме да го обезбедиме. Повторно ќе имаме тридневна програма. Тоа се нашите можности, но имаме идеи за блескава иднина на фестивалот, да го зголемиме и прошириме кон нова публика“, кажа селекторот Дино Солдатовиќ.

Други учесници на фестивалот се „Кросроуд блуз бенд“ (Македонија), „Шејкдаун Тим и ритм ривју“ (Белгија), „Гемблерс“ (Србија), „Блузхамер“ (Србија) и Васја Станковиќ со диџеј сет. По крајот на секоја вечер ќе има џем сешн свирки, па Солдатовиќ ги повика гостите да си земат инструменти.

Г. КОНЕВ