Серија ексклузивни концерти ќе биде изведена на 43. издание на Скопскиот џез фестивал, кој ќе се одржува од 7 до 20 октомври. Програмата содржи четири вечери со вкупно девет концерти, а музичарите доаѓаат од САД, Велика Британија, Шведска, Португалија, Куба, Македонија…
Фестивалот се отвора со настапот на американската пејачка Сесил Меклорин Салвант (фото), која токму во Скопје ја почнува својата европска турнеја.
„Програмата на 43. Скопски џез фестивал по многу нешта е специјална и речиси наполно ексклузивна, со оглед на фактот дека Родриго Амадо, ‘Ди Енд‘, Давид Вирелес, оркестарот на Роб Мазурек, Алабастер де Плум, Никол Мичел, Марк Сандерс и ‘Фајр! оркестра‘ во регионот доаѓаат само за еден концерт, во Скопје“, велат организаторите.
Првата вечер ќе свири и македонскиот бенд „Некст ту сајленс“, кој истовремено ќе го промовира својот втор студиски албум, а во рамките на фестивалот ќе се прикаже и документарен филм за Мајлс Дејвис.
(Фото: Фејсбук)