Скопскиот концерт на Ник Кејв на 22 август ќе се одржи на Стадионот на АРМ во Градски парк, објави „Авалон“, кој е организатор на настанот. Славниот австралиски музичар вчера ги израдува македонските фанови со веста дека за првпат ќе гостува во Скопје ова лето.
Кејв доаѓа во Македонија во рамките на неговата соло турнеја, без бендот „Бед Сидс“, а ќе го придружува само басистот на „Редиохед“, Колин Гринвуд. На репертоарот ќе бидат песни од обемната дискографија на Кејв, која почна да се создава пред повеќе од 40 години.
Од „Авалон“ кажаа дека картите ќе бидат во продажба од утре (2 април), без да наведат по која цена.
(Фото: Фејсбук)